Во Пехчево хуманоста, психологијата и дипломатијата се споија во името на децата со попреченост

Со топлина, емпатија и визија за една поинклузивна иднина, Општина Пехчево потпиша Меморандум за соработка со Здружението за личен развој, едукација и психолошка поддршка „Гласот од тишината“ – Скопје, предводено од клиничкиот психолог Амела Мемиш Апостоловска.

Во присуство на г-ѓа Жанет Маркушова, дипломатски член и сопруга на амбасадорот на Република Словачка во Скопје, која е и активен поддржувач на иницијативата, се создаде еден силен и значаен сојуз меѓу институциите, граѓанскиот сектор и дипломатијата со заедничка цел да се слушне гласот на децата со попреченост и нивните семејства.

Националната турнеја „Од тишина до глас“, која со љубов и професионализам ја спроведува здружението, ќе овозможи психолошко-мотивациски работилници, јавни трибини и директна поддршка за родителите, реализирани токму во Пехчево при што јавната трибина е закажана за денес 24 јуни 2025.

Градоначалникот Александар Китански, кој лично го пречека тимот, ја истакна важноста на оваа соработка и подготвеноста на општината да обезбеди логистичка и институционална поддршка, вклучувајќи простор, кадар и организација.

Амела Мемиш Апостоловска, како мајка, психолог и хуманист, уште еднаш покажа дека психолошката поддршка може да биде мост кон надежта, особено кога таа доаѓа од срце и е заснована на лично искуство и жртва.

Во рамки на посетата, Амела Мемиш Апостоловска оствари и средба со директорката на детската градинка, каде се реализираше дел од активностите, како и со целиот наставен кадар на основното училиште, вклучувајќи ја и директорката, каде внимателно го слушна гласот на наставниците кои долго време чекаа да бидат слушнати.

Станува збор за педагози со големо срце, кои секојдневно се борат со реалноста, но ретко добиваат простор да бидат поддржани и разбрани токму оваа посета внесе надеж и нова енергија во нивните редови.
Жанет Маркушова, со своето дипломатско присуство, внесе дополнителна тежина и симболика во оваа соработка, потсетувајќи дека вистинската дипломатија не се одвива само во амбасади, туку и таму каде што има љубов, грижа и активизам за најранливите.

Децата кои беа вклучени во посетата на градинката со нетрпение цртаа, се насмевнуваа и покажаа дека кога светот им подава рака тие ја отвораат душата.

Овој настан е само почеток. Почеток на една нова енергија, каде општината не само што поддржува, туку активно се вклучува во трансформација на свеста. Здружението „Гласот од тишината“ го донесе својот глас во Пехчево, а Пехчево возврати со прегратка.
Да учиме од децата.
Да соработуваме како возрасни.
Да се грижиме како луѓе.
И да продолжиме да го претвораме молкот во глас, тишината во надеж, а болката во хуманост, се вели во објавата на Општина Пехчево

Погледнете дел од фотографиите од официјалното потпишување, работилниците со децата и емотивните моменти кои зборуваат повеќе од илјада зборови.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*