КУД „Гоце Делчев“ од Делчево учесник на Меѓународниот фолклорен фестивал во Силиври – Истанбул

Членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево веќе пристигнаа во Силиври, Истанбул – Турција, каде што од 14 до 20 септември 2025 година ќе бидат дел од престижниот Меѓународен фолклорен фестивал.

Ансамблот со голема чест и гордост ја претставува Македонија пред бројната публика и културно-уметнички друштва од повеќе земји. Со изведба на македонски ора, песни и во автентични народни носии, делчевските играорци ја пренесуваат убавината на нашето фолклорно наследство и ја споделуваат со светот.

„Настапите на вакви фестивали се вистинска можност за промоција на македонската култура, но и за создавање нови пријателства и културни мостови со ансамбли од различни држави“, велат од КУД „Гоце Делчев“.

Фестивалските денови за делчевските играорци ќе бидат исполнети со бројни настапи, дефилеа и дружења, а преку фотографиите од местото на настанот тие веќе ја пренесоа дел од прекрасната атмосфера.

КУД „Гоце Делчев“ останува верен чувар на традицијата и вистински амбасадор на македонскиот дух во светот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*