Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, и ова попладне беше весело, бучно, креативно и прекрасно.
Дури 32 дечиња беа дел од креативната работилница под наслов „Ме потсетуваш на есен“.
Децата донесоа жолти листови, шишарки, јаболки и тикви, а од библиотеката добија картон и лепак за да создадат свои есенски декорации. Нивната креативност, посветеност и внимание при изработката се нешто навистина бесцено и прекрасно.
Преку разговор, цртежи и игри, најмалите имаа можност да ја откријат убавината на есента и да ја преточат својата имагинација во бои, изработки и радост.
Во целата читална се чувствуваше есента низ детските очи – топло, шарено и инспиративно!
Голема благодарност до сите дечиња и нивните родители за ова убаво есенско попладне исполнето со дружба, смеа и љубов кон книгите.
Сите нивни изработки ќе бидат изложени во читалната на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, каде што посетителите ќе можат да ја почувствуваат есента преку детската фантазија.
Есента во библиотеката е нешто прекрасно – додека лисјата паѓаат, тука страниците нежно се отвораат и ја топлат душата како чаша чај во студен ден.
Дечиња, и оваа есен дојдете во библиотеката – добредојдени сте!

Leave a Reply