Делчево, 31 октомври 2025 – Општина Делчево ги започна подготовките за организирање на Буџетските форуми во насока на изработка на Буџетот на Општината за 2026 година.
Во рамки на активностите за поттикнување на граѓанското учество во процесот на креирање на буџетот, на општинската веб-страница www.delcevo.gov.mk е активен анкетен прашалник преку кој граѓаните можат електронски да ги достават своите предлози и приоритети.
Од Општината информираат дека целта на прашалникот е да се соберат предлози од жителите на Делчево во согласност со нивните потреби и да се овозможи вклучување на сите кои не можат физички да присуствуваат на планираните форумски сесии.
Во наредните денови, прашалниците ќе бидат дистрибуирани и до месните и урбаните заедници, а во текот на ноември се предвидени две форумски сесии со учество на претставници од институциите, образованието, културата, здравството, социјалната заштита, невладиниот и бизнис секторот, како и сите заинтересирани граѓани.
– Буџетот за 2026 година е во подготовка и очекуваме да биде повисок од минатогодишниот, бидејќи планираме повеќе капитални инвестиции, повеќе средства за НВО-секторот и спортските клубови, како и зголемување на износот за стипендии. Секако, конечниот предлог ќе зависи и од сугестиите и предлозите на граѓаните, изјавија од Општина Делчево.

Leave a Reply