Делчево, 7 ноември 2025 (МИА) – Завршија градежните работи за санација на регионалниот пат Р1302 (кон Пехчево), со што овој патен правец е целосно обновен. Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според Општина Делчево, во санацијата се вложени 20 милиони денари, а нов асфалт е поставен на површина од 10.200 квадратни метри. Изведувач на градежните работи беше ЈП „Македонијапат“.
Овој регионален пат претставува една од најфреквентните врски на Делчево со соседните општини, а со обновата се подобрува безбедноста, мобилноста и квалитетот на возење за сите учесници во сообраќајот.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, изрази благодарност до директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за поддршката и соработката.
– Ова е уште еден доказ дека кога локалната самоуправа и државните институции работат заедно, резултатите се видливи на терен. Продолжуваме посветено да инвестираме во патна инфраструктура – за посовремено, побезбедно и поврзано Делчево, изјави Гоцевски.


Leave a Reply