
Започнуваат Божиќните пости – период на духовно обновување и смирување
Делчевско-каменичката епархија ги известува верниците дека започнува светиот период на Божиќните пости, време на духовна подготовка, воздржување и внатрешно смирување пред празникот на Раѓањето Христово – Божиќ.
Овој пост, кој по својата природа е долг и благ пост, претставува заеднички подвиг на целата Црква, во кој верниците преку воздржување од одредена храна, но пред сè преку молитва, добротворие и покајание, се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.
Правила на постење според традицијата на Православната Црква
Епископот Делчевско-каменички г. Марко ги појаснува правилата на постење што се практикуваат во рамки на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
I. Период од 15/28 ноември до 17/30 декември
(15–17 декември по стар стил, 28 ноември – 30 декември по нов стил)
- Понеделник, среда и петок – строги денови, без масло
- Вторник и четврток – со масло
- Сабота и недела – со масло и риба
II. Период од 18/31 декември до 24 декември / 6 јануари
(18–24 декември по стар стил, 31 декември – 6 јануари по нов стил)
- Понеделник, среда и петок – без масло
- Вторник, четврток, сабота и недела – со масло
Во овој втор дел од постот, риба се разрешува само на одредени празници.
Црковни исклучоци и празнични разрешувања
Епархијата истакнува дека постојат исклучоци во деновите кога се слават светители со големи (полелејни) служби или оние кои имаат особено значење во нашата помесна Црква.
Таков е примерот со празникот на Преподобниот Наум Охридски Чудотворец, кој се празнува на 23 декември (стар стил) или 5 јануари (нов стил), кога Црквата дозволува разрешување на риба, иако денот спаѓа во построгиот период.
Исто така, секој верник може да добие индивидуално разрешување од духовник, доколку неговата духовна или физичка состојба тоа го наложува.
Постот – пат на заедништво и љубов
Постот не е само воздржување од храна, туку пред сè духовно растење, христијанска љубов, помош на ближните и внатрешно преобразување.
Епископот потсетува на Христовите зборови:
„Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас посреде нив“ (Мт. 18,20).
Затоа, овој период е повик сите верници заеднички да учествуваат во подвигот и да се молитвено подготват за празникот на Христовото Раѓање.
Достапен PDF календар
Сите кои сакаат да го добијат календарот за Божиќните пости во PDF формат, можат слободно да се обратат преку порака на страницата.


Leave a Reply