Зборчиња со порака за 2026 година полетаа кон небото над Делчево

Педесет и четири убави зборчиња, симболи на вредностите што треба да ја одбележат годината што доаѓа, утрово полетаа кон небесната шир над Делчево. Напишани на ленти и врзани за шарени балони, зборчињата ги пуштија првоодделенците од ООУ „Ванчо Прке“, во рамки на празнична активност организирана во градскиот парк.

Настанот беше дел од Новогодишната програма на општина Делчево, а го реализираше ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, која за најмладите подготви ленти со позитивни и инспиративни пораки за Новата 2026 година. Дечињата, со детска радост и возбуда, ги пуштија балоните, оставајќи зборчињата да „летаат“ низ светот како птици со порака за добрина, љубов и надеж.

По пуштањето на балоните, празничната атмосфера продолжи со игра и песна околу новогодишната елка. Весело, радосно и бучно – токму како што прилега на детската радост и празничниот дух.

ЈЛБ „Илинден“ – Делчево упатува благодарност до ООУ „Ванчо Прке“, до наставничките и до сите ученици за успешната реализација на денешниот настан.

Оваа активност воедно беше и последна во рамки на предновогодишната програма на библиотеката, со што симболично беше заокружена зимската празнична приказна во Делчево.

Од библиотеката изразија благодарност и до двете основни училишта и до детската градинка, со кои заеднички, изминатите денови, беше создадена топла и магична празнична атмосфера во градот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*