
СОНК не учествува на протестот на ССМ закажан за 28 јануари 2026 година
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) нема да земе активно учество на протестот што го најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за 28 јануари 2026 година. Ова го соопшти претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Делчево, Александар Парасков, поради, како што наведува, бројни прашања и коментари од членови, нечленови и реакции на социјалните мрежи.
Парасков истакнува дека тој лично, како и Советот на СОНК – највисокото тело на синдикатот – се оградуваат од сите ставови во кои се споменува името на СОНК без официјална одлука. Според него, секоја одлука поврзана со дејствувањето на СОНК може да ја донесе исклучиво Советот, а секое поинакво постапување претставува прекршување на Статутот на синдикатот.
Во продолжение го пренесуваме целиот текст од демантот:
- ,,Почитувани колеги, Чувствувам за потреба да ви се обратам , а поттикнат од неколку прашања од наши членови и нечленови, прашања и коментари на социјални мрежи, а во врска учеството на СОНК на закажаниот протест на ССМ, за 28/01/2026 година. Јас како Претседател на Регионален Одбор на СОНК-Делчево и советот на СОНК како највисико тело, се оградуваме од било какви споделени ставови во кои се споменува името на СОНК. Било која одлука поврзана со дејствување на СОНК ја донесува единствено советот на СОНК, сето останато е прекршување на статутот на СОНК. Имено, прашањето е дали СОНК ќе земе активно учество на споменатиот протест?! Одговорот е НЕ, иако СОНК секогаш е за подигнување на правата на работниците и дава поддршка на сите оние што се борат за тоа, за што се надевам се залага и ССМ. Во продолжение ќе објаснам зошто не. Закажаниот протест е во организација на ССМ, а не на КСС и ние како грански синдикат воопшто не сме повикани да дадеме поддршка. СОНК е во постојана комуникација со социјалните партнери на сите нивоа со различни барања, за што нема потреба во моментов за излегување на улица за да ги оствари своите права. И најважното, СОНК смета дека барањата на ССМ не се во интерес на работниците воопшто, во сите дејности, иако првично многу убаво и примамливо звучи. Зошто? Со ваквиот предлог за зголемување на платите, ќе кулминира процесот на УРАМНИЛОВКА, односно, различни работни места, со различен степен на сложеност ќе има иста плата. Овој проблем го имавме во изминатиот период, токму од фаворизирањето на порастот на минималната плата на сметка на усогласување или пораст на останатите плати, на што голем придонес даде ССМ на национално ниво. Се сомневаме дека ССМ оделе во таа насока и сметаме дека, за жал, овој процес на изедначување на плати на различни работни места по тежина и стручност, воопшто не го земале во предвид. Оттука е тврдењето дека, заради подигнување на финансиски бенефит на релативно мал број работници што земаат минимална плата, ќе се предизвика огромен револт и незадоволство кај останатите работници. Затоа сметаме дека барањата на ССМ не се во интерес на работниците, туку повеќе е популистичко Барање во интерес на раководството на ССМ. Во прилог споделувам документ во кој е претставен начинот на покачување на платите во образование и спогодба за покачувањето во наредните години.
Со почит,
Претседател на РО на СОНК-Делчево Александар Парасков.
Во продолжение и фотографијата од позначајните работи кои Парасков ги подвлече во прилог на овој демант.


Leave a Reply