Здружението „Копачка“ подготвува извештај за УНЕСКО и нови активности во 2026 година

ДЕЛЧЕВО – Националниот координатор за Конвенцијата од 2003 година на УНЕСКО, Опетчевска, присуствуваше на Годишното собрание на Здружението „Копачка“ по повод подготовката на новиот шестгодишен извештај за УНЕСКО.

„Иако со Копачката соработуваме повеќе од 15 години, нашата заедничка работа на номинацијата за нејзино впишување во УНЕСКО започна во 2011 година. Поводот за моето присуство на годишното собрание е токму подготовката на новиот извештај, кој е обврска, но и чест за мене како национален координатор“, изјави Опетчевска.

Таа појасни дека од 2013 година извештаите повеќе не ги подготвуваат државите, туку национални координатори – експерти со долгогодишно искуство. Извештаите се оценуваат според 26 индикатори, со кои се вреднува не само работата на здружението, туку и поддршката што државата ја обезбедува, со цел традицијата да остане на листата на УНЕСКО.

Од Здружението „Копачка“ велат дека континуирано работат на зачувување и унапредување на традицијата, како преку редовни активности, така и преку проектни апликации на национално и меѓународно ниво.

„Разговарајќи околу можностите како најприсно да се сретнеме и со членовите на фолклорната група ‘Копачка’, ја информирав дека денес треба да одржиме годишно собрание со цел да ја разгледаме завршната сметка и да поднесеме извештај за работењето за 2025 година, како и да усвоиме годишната програма за 2026 година. Тоа беше погоден момент за да се вклопи во нашата програма. Мене ми е чест и задоволство што таа ни е многу драг гостин и ќе го проследи годишното собрание и донесувањето на одлуките што ги спомнав“, изјави Ерса Стојановска од Здружението „Копачка“.

Стојановска додаде дека здружението редовно го реализира проектот „Копачка 2025“. За друг проект е поднесен приговор, а дополнително ќе аплицираат за меѓународна поддршка. Таа посочи дека во тек е и процедурата во Општина Делчево, каде сè уште не се објавени резултатите. Таму аплицирале со потпрограма која предвидува цели за откуп на народни носии, а централна активност е одбележувањето на пет години од смртта на Димитар Узунски.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*