Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска информираше дека заедно со припадниците на Територијалната противпожарна единица спровеле акција за расчистување и уредување на запуштен јавен простор во централното градско подрачје.
Како што соопшти Гоцевски, станува збор за локација која со години била обрасната и небезбедна, особено во летниот период кога постоела потенцијална опасност од појава на змии и други штетници. Просторот е целосно расчистен и ставен во функција.
– Ова не претставува само отстранување на трева и грмушки, туку пример за одговорен и домаќински однос кон јавниот простор – истакна градоначалникот.
Тој упати благодарност до пожарникарите за личниот ангажман, како и до екипите на ЈКП „Брегалница“ за поддршката со механизација.
Во рамки на активностите, извршен е и увид во нова донација за противпожарната единица, која опфаќа 25 јакни, 25 панталони и 10 пара пожарникарски чизми. Донацијата е обезбедена од организациите BIDI DOBAR A NJ NONPROFIT CORPORATION и Подај Рака Спаси Живот.
Според Гоцевски, донираната опрема значително ќе ги подобри условите за работа и безбедноста на пожарникарите, при што упати благодарност до донаторите за хуманоста и поддршката кон општината.

Leave a Reply