Стаменкова: „Ова е време на ред, систем и поставување цврсти основи за иднината на Македонска Каменица“

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, во објава по повод 100 дена од мандатот направи пресек на сработеното, нагласувајќи дека изминатиот период не бил време на спектакл, туку на поставување темели, воспоставување ред и стабилизација на институцијата.

„Сто дена не се мерат само во бројки. Се мерат во поставени темели“, истакнува Стаменкова, потенцирајќи дека од првиот ден фокусот бил ставен на воспоставување правен ред и јасни законски позиции, со цел заштита на општината од идни правни и финансиски последици.

Буџет со вклучени граѓани

Поради потребата од навремено креирање на буџетот, Општината организирала буџетски форуми во сите осум села, во градот, како и со претставници на маргинализирани групи, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и спортските здруженија. На овој начин, како што наведува градоначалничката, се утврдени приоритетите за четиригодишната развојна програма.

Особено внимание е посветено на младите, со најава за формирање Младински совет во рамки на Општинскиот совет, како и подготовка на правилник за финансиска поддршка на оригинални бизнис-идеи на млади претприемачи. Во соработка со Рудник САСА и со очекувана поддршка од Владата и ресорните министерства, најавени се мерки за поддршка на мали и средни претпријатија, како дел од праведната енергетска и економска транзиција.

Култура и социјална поддршка

Во делот на културата, изминатите месеци биле одбележани со новогодишно украсување и организирана празнична програма, како и настан за Стара Нова година на Градскиот плоштад, со што, според Стаменкова, повторно се оживува културно-забавниот живот во градот.

Во рамки на социјалните мерки, исплатени се 3.000 денари за секое прваче и 20.000 денари за секој ученик запишан во прва година средно образование. Зголемен е и надоместокот за новороденчиња – 30.000 денари за првородено дете во годината, 15.000 денари за секое новородено дете, како и дополнителни 50.000 денари за трето, четврто и секое следно дете.

Доделени се 20 стипендии во вредност од по 30.000 денари, обезбедени се 1.200.000 денари за ученички униформи, 8.400.000 денари за спортски и невладини здруженија, како и 3.500.000 денари за кофинансирање на услугата „Нега во сопствен дом“, во партнерство со ЗГ „Здравец 2002“ и Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Инфраструктура и комунална стабилизација

Во делот на инфраструктурата, Стаменкова посочува дека биле затекнати нереализирани проекти и договори со правни и финансиски предизвици. Во тек се активности за надминување на имотно-правни спорови поврзани со улицата „Питу Гули“, како и правна регулација на други договори за локални патишта.

Се реализираат повеќе патни проекти во руралните средини, се работи на бетонски и партерни уредувања, потпорни ѕидови, гробни површини и урбана опрема, а во тек е и проектирање на потпорен ѕид поврзан со улицата „Церска“.

Започната е изградба на фекална канализација во село Тодоровци, завршена е фаза од водоводот во Моштица, а се работи и на ставање во функција на филтер-станицата за Стара Каменица.

Јавното претпријатие било затекнато со долг од 5 милиони денари, по што започнала негова консолидација. Во меѓувреме се спроведува генерално чистење, чистење канали и регулирање на Каменичка Река во соработка со АД Водостопанство, како и воведување контејнери за селекција на отпад.

Здравство, безбедност и развој

Во соработка со Рудник САСА обезбедени се 20 милиони денари за реконструкција на здравствената станица во градот, а за првпат е предвидена набавка на ново противпожарно возило и целосна опрема за ТППЕ.

Во делот на туризмот, во тек е реализација на планинска велосипедска патека во должина од 25 километри со одморишта и набавка на електрични велосипеди. Продолжува и поддршката на дуалното образование, воведено во 2021 година во партнерство со Рудник САСА.

„Ова е само почетокот“

Во заклучокот од објавата, градоначалничката нагласува дека изминатите 100 дена биле период на исправување, поставување систем и воспоставување ред.

„Не ветуваме лесни решенија. Ветуваме одговорност. Ова се темелите. А врз темели – се гради иднината“, порачува Стаменкова, оценувајќи дека ова е само почеток на процесот на стабилизација и развој на општината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*