Завршени Работничките спортски игри 2026 во Берово – победник е екипата на АРМ

Со финалните натпревари во преполната спортска сала „Македонски бранители“ во Берово, вечерва свечено беа заокружени Работничките спортски игри 2026, на кои победата ја освои екипата на АРМ.

Како што информираше градоначалникот на Берово, Петар Ружински, финалната вечер поминала во одлична спортска атмосфера, исполнета со борбеност, навивање и фер игра, а сите екипи покажале голема посветеност и спортски дух.

Во финалниот натпревар екипата на АРМ ја совлада екипата на Приватни фирми и угостители и го освои првото место на турнирот. Второто место им припадна на Приватни фирми и угостители, додека третото место го освои екипата на Образование.

Покрај екипните награди, беа доделени и индивидуални признанија. За најдобар голман беше прогласен Кире Вагадински, за најдобар играч Петар Пачарски, додека титулата најдобар стрелец ја понесе Александар Мишовски. Признанието „ветеран на игрите“ му припадна на Ѓорѓи Црневски.

За поддршката и успешната реализација на настанот, беа доделени благодарници на ЈЗУ Здравствен дом Берово, Ацо Русковски од Берово, Полициската станица од општа надлежност Берово и Територијалната противпожарна единица Берово.

Работничките спортски игри, како што беше истакнато, и оваа година потврдија дека спортот е важен сегмент за дружење, зајакнување на тимскиот дух и создавање позитивна атмосфера во локалната заедница. ⚽🏆

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*