Спортот како симбол на заедништво, надеж и враќање на вистинските вредности во градот
Кочани повторно се подготвува да живее, да се движи и да испрати силна порака за обнова и заедништво преку организацијата на двете значајни спортски случувања – Божиќна трка ‘26 и FREEDOMRUN FR26.
Организаторот со јасна визија и искрена намера објаснува дека овие трки не се само спортски настани, туку симбол на нов почеток и колективна сила.
„Им должиме на генерациите што доаѓаат. Како град поминавме низ тешки моменти. Под името „Пулс“ сите почувствувавме тежина, и секој од нас носи дел од таа приказна. Но животот продолжува и ние сме тие што треба да го вратиме Кочани повторно на нозе“, порачува организаторот.
Токму затоа, идејата зад овие трки е да се поттикне позитивна промена која започнува од секој поединец, а потоа се претвора во колективна енергија.
Во време кога се потребни вистински вредности, пораката е јасна – враќање кон:
- другарството
- слогата
- емпатијата
- заедништвото
- љубовта
- гостопримството
„Трките не се само спорт. Тие се симбол на движење напред, симбол на енергија и начин повторно да се собереме, да се погледнеме во очи и да се потсетиме дека не сме сами“, се наведува во пораката.
Секој чекор на трката носи порака – да не се откажеме, да продолжиме и да веруваме. Со организацијата на Божиќна ‘26 и FREEDOMRUN FR26 се испраќа силен сигнал дека Кочани има сила, има срце и оди напред.
Организаторот нагласува дека оваа иницијатива е водена од искрена љубов кон градот и желба да се поттикне промена преку конкретни дела.
„Не ни требаат само зборови, ни требаат дела. Им должиме град во кој младите ќе сакаат да останат. Им должиме надеж и пример“, додава тој.
Со овие настани, Кочани не само што организира спорт, туку гради приказна за обнова, заедништво и враќање на животот во градот.
Пријавување за учество:
👉 https://freedomrun.race.mk/

Leave a Reply