Делчево добива ново уредено зелено катче, откако запуштениот стакларник, кој со години беше оставен да пропаѓа, денес повторно е ставен во функција и подготвен да го разубавува градот со свежо цвеќе.
Градоначалникот Иван Гоцевски преку објава информираше дека просторот е целосно ревитализиран, нагласувајќи дека станува збор за пример како со посветеност и визија може да се врати животот на заборавени јавни ресурси.
„Она што некогаш беше запуштено, денес повторно цвета и добива нова намена“, истакна градоначалникот, додавајќи дека стакларникот ќе служи за производство на цвеќиња кои ќе се користат за хортикултурно уредување на јавните површини во градот.
Обновата е реализирана од екипите на ЈКП „Брегалница“, чии вработени, според локалната власт, вложиле значителен труд за целосно уредување и ставање во функција на објектот. Од општината посочуваат дека успешната реализација е резултат и на доброто менаџирање и координација.
Со овој чекор, Делчево не само што добива поубав изглед, туку и одржливо решение за сопствено производство на украсни растенија, што ќе придонесе за почиста и позелена урбана средина.







Leave a Reply