Работилница во ЈЛБ „Илинден“ за птици преселници со најмладите од градинката „Весели цветови“

Со насмевки и искрена детска радост, денес во ЈЛБ „Илинден“ во Делчево гостуваа дечиња на возраст од 4 и 5 години од групите „Виножито“ и „Цветчиња“ при детската градинка „Весели цветови“. Посетата беше реализирана во рамки на едукативна работилница на тема „Птици преселници“.

Преку читање сказни и разговор, најмладите имаа можност да се запознаат со животот на штркот, ластовичката и славејот. Низ интересни приказни дознаа за нивните навики, патувањето кон југ и враќањето дома, како и за нивните гнезда и значењето што го имаат во природата.

Особен интерес кај децата предизвикаа креативните активности, при што со своите мали, но вредни раце изработија слики со мотиви од птици преселници. Преку игра и уметност, тие учеа за природата и развиваа љубов кон живиот свет.

По завршувањето на работилницата, детските творби беа изложени на дрвјата во градскиот парк, внесувајќи дополнителна боја и ведрина во просторот, како израз на детската фантазија и креативност.

Од библиотеката упатија благодарност до дечињата, воспитувачките и стручниот кадар од градинката за успешната реализација на настанот, истакнувајќи дека ваквите активности придонесуваат за рано развивање на љубовта кон книгата и природата кај најмладите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*