Утврдена програмата за одбележување на 150 години од Разловечкото востание

Општина Делчево на 18 и 19 мај ќе ја одбележи 150-годишнината од Разловечкото востание со свечена и богата културно-историска програма во Делчево и село Разловци. Во рамки на чествувањето ќе се реализираат базар на стари занаети, научна трибина, промоција на поштенска марка, концерти, планинарски марш, свечени обраќања и пуштање во употреба на реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание.

Одбележувањето започнува на 18 мај во Делчево со локален базар на стари занаети и рачни изработки на платото пред Спомен-дом АСНОМ, проследен со културно-уметничка програма и настапи на фолклорни и културно-уметнички друштва од Делчево. Во попладневните часови ќе се одржи научна трибина на тема „150 години Разловечко востание – Искра за вечна слобода на македонскиот народ“, а вечерта ќе биде заокружена со егзирцир на гардиски состав на АРМ и свечен концерт на Воениот оркестар на АРМ и ансамблот „Танец“.

Централната манифестација продолжува на 19 мај во село Разловци со планинарски марш „По врвиците на востаниците“, прием на официјални делегации, полагање свежо цвеќе и свечена церемонија со обраќања на градоначалникот на Општина Делчево, министерот за култура и туризам и премиерот на Република Македонија.

Во рамки на програмата ќе бидат доделени награди и благодарници, ќе се прочитаат наградените творби од литературниот конкурс, а свечено ќе биде пуштен во употреба и реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание. Настанот ќе заврши со заеднички свечен ручек и изведба на изворна музика во дворот на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во Разловци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*