Во Македонска Каменица се сумираат резултатите по одржаното четврто издание на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, манифестација посветена на афирмацијата на македонскиот јазик, култура, традиција и наука. На завршниот настан кој свечено го отворија директорот Миле Ѓорѓијоски и градоначалничката Соња Стаменковска, а пред присутните се обратија и новинарот и публицист Љупчо Јолевски. Дел од програмата беше и читањето поезија од Тихомир Јанчовски, интерпретирана од артистот и водител Игор Трпчевски, како и настапот на актерот Благоја Чоревски и членовите на фолклорната група Копачка.
Во рамки на фестивалот беше организиран и саем на книги на досегашни лауреати и членови на Советот на фестивалот, додека вечерта беа доделени признанија на повеќе истакнати поединци и организации за нивниот придонес во културата, науката, уметноста и промоцијата на македонскиот идентитет.
Меѓу наградените годинава се проектот Македонисимо за афирмација на македонската музичка култура, проф. д-р Боце Митревски за достигнувања во науката, д-р Сања Пановска и проф. д-р Горан Калоѓера за научен придонес, Тошо Филиповски за публицистика и промоција на современата музика, како и Константин Качев и проф. д-р Стојко Стојков. Признанија добија и Металотехника-Прилеп за иновации и Макпрогрес за поддршката во организацијата на фестивалот.
Во својата честитка до директорот Миле Ѓорѓијоски, Здружението „Надеж – Норе“ и сите организатори и учесници градоначалничката Стаменкова ја потенцираше нивната посветеност и визија да создадат фестивал што од година во година расте во значаен и препознатлив културен настан.
Фестивалот го носи името на Јаков од Камена Река – првиот македонски печатар, кој во 16 век во Венеција ја обновил печатницата на Божидар Вуковиќ и во 1566 година го отпечатил познатиот „Часослов“ на црковнословенски јазик. Овој значаен споменик на писменоста денес претставува дел од македонското културно наследство, а еден од зачуваните примероци се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“.
Со фестивалот „Јаков од Камена Река“ организаторите продолжуваат да ја негуваат и промовираат љубовта кон македонскиот јазик, кирилицата, традицијата и културното наследство, истовремено давајќи поддршка на македонските автори и творци од различни области

Leave a Reply