Повик за доизградба на соборниот храм во Делчево – граѓаните и компаниите да се вклучат во донаторската акција
Делчево, 24 мај – Со свечена академија во Делчево беше одбележано делото на светите браќа Кирил и Методиј, при што беше упатен јавен повик за поддршка на доизградбата на соборниот храм во градот.
Градоначалникот Гоцевски во своето обраќање истакна дека завршувањето на храмот е заедничка обврска на сите граѓани, нагласувајќи дека тој ќе претставува духовен центар, место на вера и молитва, како и траен симбол на почитта кон светителите.
– Обврска на сите нас е да ја доизградиме оваа соборна црква која ќе биде духовна храна и центар на верата. Ги повикувам граѓаните, општествено одговорните компании, иселениците и сите почитувачи на делото на светите браќа да се вклучат во донаторската акција и да придонесат согласно своите можности, изјави Гоцевски.
Настанот го отвори претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, кој ја потенцираше важноста од зачувување на македонскиот јазик и духовното наследство на солунските браќа.

– Ние денешните генерации имаме света должност да ја чуваме и да ја пренесуваме оваа светлина. Да го негуваме македонскиот јазик и да бидеме достојни продолжувачи на нивното дело, истакна Стојменовски.
На присутните им се обрати и епископот Марко, кој ја нагласи важноста на кирилометодиевската традиција и нејзиното пренесување на идните генерации.
Во рамки на чествувањето беше промовирана книгата „Св. Кирил и Методиј“, со промотор монахиња Ирина, а настанот беше заокружен со концерт на црковно византиско пеење во изведба на хорот „Света Злата Мегленска“ од Скопје

Leave a Reply