Пехчево на 13 јуни ќе биде центар на младинската енергија, спортот и забавата преку одржувањето на „Пехчево Младински Фест 2026“, настан што го организира Локалниот младински совет Пехчево во соработка со Општина Пехчево, Делегацијата на Европската Унија и партнерите на проектот „ЕУ со тебе“.
Фестивалската програма започнува во утринските часови со традиционалната планинско-велосипедска тура „Пехчево на Точак“. Стартот е закажан во 9 часот од плоштадот „Св. Петар и Павле“ во Пехчево, а учесниците ќе возат по патека долга околу 33 километри до врвот Кадиица. Организаторите информираат дека патеката е со средна тежина, учеството е бесплатно, а на крајната дестинација е предвиден заеднички ручек за сите учесници.
За учество во велосипедската тура задолжително е носење кацига, а учесниците треба да обезбедат технички исправен велосипед, резервна гума, пумпа и основен алат. Препорачливо е да понесат вода, храна и соодветна облека за планински услови. Малолетните лица можат да учествуваат само во придружба на возрасен.
Во попладневните часови, од 17 часот, на плоштадот во Пехчево ќе бидат отворени повеќе тематски зони наменети за младите и посетителите. Предвидени се зона за уметност, зона за друштвени игри и натпреварувачка зона со различни активности и содржини.
Музичкиот дел од програмата започнува во 22 часот, кога фестивалот ќе продолжи со настап на пејачката Анастасија Спасевска и DJ DOOMLOAF, кои ќе се погрижат за забавата до доцните вечерни часови.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на велосипедизмот, рекреацијата и добрата забава навреме да го пријават своето учество во велосипедската тура, најдоцна до 10 јуни, и да бидат дел од еднодневниот фестивал што ќе ги обедини спортот, културата и младинскиот активизам во срцето на Малешевијата.





Leave a Reply