ЈЛБ ,,Илинден” на меѓународната конференција „Библиотекарот денес – професија во трансформација“

Претставници на Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево учествуваат на меѓународната конференција „Библиотекарот денес – професија во трансформација“, која се одржува во Битола.

Како што информираат од библиотеката, конференцијата е посветена на улогата на библиотеките и библиотекарите во современото општество, во услови на брзи технолошки промени и дигитализација.

Во објавата се посочува дека библиотеките денес сè повеќе се трансформираат од традиционални простори за чување книги во современи центри за знаење, учење, култура и комуникација. Со тоа се менува и улогата на библиотекарот, кој покрај грижата за книжниот фонд, има значајна улога како информатор, едукатор, организатор на културни настани и промотор на читањето.

Од ЈЛБ „Илинден“ Делчево нагласуваат дека трансформацијата на професијата бара континуирано усовршување и стекнување нови вештини, со цел подобро прилагодување кон потребите на корисниците. Воедно, современите библиотеки користат дигитални каталози, електронски ресурси и онлајн услуги, како и иновативни пристапи за привлекување нова публика.

Учество на вакви настани, како што додаваат, е особено значајно за размена на искуства и следење на современите трендови во библиотечната дејност, со цел унапредување на работата и услугите што им се нудат на граѓаните.

Конференцијата во Битола собира библиотекари и експерти од повеќе земји, кои дискутираат за предизвиците и идните насоки на развој на професијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*