Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево и оваа година достојно го претстави македонскиот фолклор на меѓународната сцена, настапувајќи на VI Меѓународен фолклорен фестивал „Шарено цвете“ во Благоевград, Република Бугарија.
Трета година по ред, младите фолклористи од Делчево беа дел од оваа престижна културна манифестација, каде со својата енергија, автентичност и сценски настап ги освоија симпатиите на публиката и учесниците.
Од друштвото изразија искрена благодарност до организаторите, а особено до г-ѓа Даниела Богданова, која и оваа година упати покана за нивно учество на фестивалот.
Со настапот во Благоевград, КУД „Гоце Делчев“ ја отвори меѓународната сезона за 2026 година, а пред членовите следуваат бројни гостувања и фестивали во Србија, Турција, Бугарија, Албанија и други земји.
Веќе од 2 до 5 јули младинскиот ансамбл и подмладокот ќе настапат на фестивалот „Увежи корак“ во Јагодина, Србија, а во втората половина на јули ќе бидат дел од Меѓународниот фестивал за култура, уметност и туризам во Чајџума, Турција, како и од културна мисија во Истанбул. Во август е предвидено учество и на традиционалниот Summer Camp Leadership MK/BG во Бургас.
Од КУД „Гоце Делчев“ истакнуваат дека до крајот на сезоната се планирани уште повеќе меѓународни гостувања, меѓу кои во Тирана, Пирот и Брежани.
Друштвото упати благодарност до сите свои членови за нивната посветеност, труд и љубов кон македонската традиција, нагласувајќи дека тие се вистински амбасадори на Делчево и македонскиот фолклор.
Кореограф на ансамблот е Зенил Р. Стручни, а претседател на КУД „Гоце Делчев“ е д-р Соња М. Георгиевска.

Leave a Reply