Делчевецот Зоран Сумрачки унапреден во полковник на Армијата

Родениот делчевец Зоран Сумрачки е унапреден во чин полковник, а денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип со свечена церемонија беше извршено примопредавањето на должноста командант на 2. Пешадиски баталјон.

По неговото унапредување, должноста командант на 2. Пешадиски баталјон ја презеде потполковник Ристо Стоев, додека Сумрачки продолжува со новите обврски во рамки на Армијата.

На свеченоста присуствуваше и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој истакна дека унапредувањето на Сумрачки претставува повод за гордост за неговиот роден град.

„Ова признание за нашиот Сумрачки го чувствувам како посебна чест за нашиот град. Делчево отсекогаш имало чесни и почитувани луѓе кои достоинствено ѝ служат на државата и даваат придонес кон стабилноста и безбедноста“, изјави Гоцевски.

Тој упати честитки за напредокот во кариерата на полковникот Сумрачки и се заблагодари за досегашната соработка со родниот град, оценувајќи дека неговата професионалност и посветеност се пример за младите генерации.

На новиот командант на 2. Пешадиски баталјон, потполковник Ристо Стоев, градоначалникот му посака успешна работа и многу успех во извршувањето на одговорната функција.

Примопредавањето на должноста беше реализирано согласно стандардните воени протоколи и претставува дел од редовните кадровски ротации во Армијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*