Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево упати благодарност до Фондација Рудник „Саса“ за вредната донација на книги со која е збогатен библиотечниот фонд во клонот „К.П. Мисирков“ во Македонска Каменица.
Од библиотеката информираат дека донацијата е реализирана по повод одбележувањето на 20 години од рестартирањето на рудникот „Саса“ и претставува значаен придонес за унапредување на читателската понуда и збогатување на искуството на членовите.
Како што посочуваат, Фондација Рудник „Саса“ традиционално ја поддржува библиотеката преку донации на книги, при што секоја нова публикација претставува инвестиција во знаењето, образованието и културниот развој на локалната заедница.
– Благодарение на ваквите општествено одговорни компании, книгата продолжува да го наоѓа својот пат до читателите од сите генерации. Им благодариме за довербата, поддршката и за препознавањето на значењето на библиотеките како чувари на знаењето и културата – наведуваат од ЈЛБ „Илинден“.
Од библиотеката најавуваат дека наскоро се очекува и нова донација од Фондација Рудник „Саса“, која ќе опфати околу 200 наслови од англиската книжевност на англиски јазик, односно стари, но добро зачувани изданија.
Од ЈЛБ „Илинден“ изразуваат надеж дека успешната соработка со Фондација Рудник „Саса“ ќе продолжи и во иднина, создавајќи уште повеќе можности за читање, учење и личен развој на граѓаните.

Leave a Reply