Видео: Светскиот шампион во пливање во ледени води Џефри Џил во посета на Општина Делчево

Светскиот шампион во пливање во ледени води, 18-годишниот Џефри Џил, денеска беше примен од градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој му честиташе за исклучителните спортски успеси и промоцијата на Македонија на меѓународната спортска сцена.

Џил, кој живее во Англија, но има потекло од Делчево, неодамна освои златен медал на Светското првенство во пливање во ледени води во Финска, каде настапи под македонско знаме.

Неговата мајка Сули Хоуп истакна дека, иако семејството веќе 27 години живее во Англија, љубовта кон Македонија и Делчево останала силна и успешно ја пренеле и на нивниот син.

„Џефри секогаш сака да настапува за Македонија. Не бараше финансиска помош, туку сакаше да добие македонска капа за да ја претставува својата земја на меѓународните натпреварувања“, рече Хоуп.

Зборувајќи за своите успеси, Џил нагласи дека условите во Финска биле исклучително тешки, со температури на водата блиску до нулата, но дека токму предизвикот бил дополнителна мотивација.

„Горд сум што како Македонец успеав да освојам златен медал и сакам мојот пример да биде поттик за младите. Не е пресудно да имате многу пари, туку желба, дисциплина и напорна работа“, истакна Џил.

Градоначалникот Иван Гоцевски оцени дека успесите на младиот пливач претставуваат гордост не само за Делчево, туку и за целата држава.

„Џефри со своите резултати ја промовира Македонија на најдобар можен начин. Особено радува што, иако живее во Англија, со гордост настапува под македонско знаме и никогаш не ги заборава своите корени. Тој е позитивен пример за сите наши иселеници и доказ дека љубовта кон татковината може успешно да се пренесе и на идните генерации“, изјави Гоцевски.

Тој додаде дека Општина Делчево ќе продолжи да ги поддржува младите таленти и изрази надеж дека Џефри Џил во иднина ќе избори настап и на Олимписките игри, каде, како што рече, „еден ден ќе ја слушнеме македонската химна благодарение на неговите успеси“.

Џил минатата година успешно го преплива и Ламанш, а годинава, покрај златниот медал, освои и сребрен медал на Светското првенство во пливање во ледени води во Финска.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*