Одржана 12-тата Седница на делчевскиот Совет. Покрената постапка за трансформација на ТИРЗ во Индустриска Зона

Советот на Општина Делчево ја одржа својата 12. седница, на која беа разгледани и усвоени вкупно 13 точки од дневниот ред, со повеќе значајни одлуки за локалниот развој.

Најзначајна одлука донесена на седницата е покренувањето иницијатива за започнување постапка за трансформација на Технолошко-индустриската развојна зона „Делчево“ во индустриска зона, согласно Законот за индустриски зелени зони. Со оваа иницијатива, Советот предлага до Дирекцијата за ТИРЗ да ја разгледа можноста и да преземе конкретни чекори за реализација на процесот.

Целта на трансформацијата е создавање услови за ставање во функција на просторот, забрзување на економскиот развој, привлекување инвестиции и отворање нови работни места во општината.

Советниците усвоија и измени на Статутот на Општина Делчево, со кои се утврдува новото седиште на општината на ул. „Љубомир Белогаски“ бр.1, наместо досегашната адреса на ул. „Светозар Марковиќ“ бр.1. Дополнително, направени се измени и во делот на месната самоуправа.

На седницата беше донесена одлука за формирање Општински совет за превенција на детско престапништво, составен од девет членови од институции, образовни установи и граѓанскиот сектор. Мандатот на членовите е пет години, со можност за повторен избор.

Исто така, беше формирана Комисија за процена на штети од природни непогоди, која ќе ја утврдува висината на штетите од голомразицата што ја зафати општината во мај 2026 година, согласно важечката методологија.

Во областа на културата, Советот донесе измена на Програмата за култура за 2026 година, при што буџетот за „Делчевско културно лето“ е зголемен на 1.000.000 денари. Вкупниот буџет за култура сега изнесува 1.735.000 денари, со цел организирање на концерти и културни настани со домашни и странски изведувачи.

Дополнително, беа донесени одлуки за:

  • согласност на годишен план за вработување во ООУ „Св. Климент Охридски“,
  • финансиска поддршка на КУД „Гоце Делчев“,
  • доделување парична помош по поднесени барања,
  • како и отуѓување и рециклирање на електронски отпад од училиштето.

Со донесените одлуки, Советот на Општина Делчево продолжува со активности насочени кон економски развој, подобрување на инфраструктурата и поддршка на локалната заедница.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*