ВИДЕО: Советот на Општина Делчево одобри 300.000 денари за вода за граѓаните – донесени повеќе значајни одлуки на 13. седница

Советот на Општина Делчево на својата 13. седница донесе повеќе значајни одлуки, меѓу кои и одлука за користење на 300.000 денари од тековната буџетска резерва за итна набавка на вода во шишиња за граѓаните, поради дефектот на главната водоводна цевка кој предизвика прекин на водоснабдувањето во општината.

Покрај оваа одлука, советниците го усвоија и пречистениот текст на Статутот на Општина Делчево, како и одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Штип во областа на инспекцискиот надзор, со цел поефикасно извршување на инспекциските надлежности.

Една од позначајните точки беше и измената на Програмата за култура за 2026 година, со која се овозможува културната манифестација „Делчевско лето 2026“ да биде организирана преку делегирање на надлежностите на правно лице избрано по јавен повик. Советот ја усвои и одлуката, како и правилникот со кој ќе се регулира постапката за избор и реализација на оваа културна манифестација.

На седницата не беше прифатен предлогот за измена на цените на услугите на ЈКП „Брегалница“, додека беше донесена одлука за давање на трајно користење на објектите на пречистителната станица во Тработивиште на јавното комунално претпријатие.

Советниците дадоа согласност и за формирање паралелки со помал број ученици во СОУ „М.М. Брицо“, а беше прифатена и донацијата од ДООЕЛ ИНОМАК – Делчево во износ од 3.000 денари, наменета за поддршка на културни активности во општината.

Во видеото погледнете ги најважните моменти и одлуки донесени на 13. седница на Советот на Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*