Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, заедно со волонтери од Општинската организација на Црвениот крст и ДПД „Волонтер“ – Делчево, денеска ја завршува посетата на Општина Чрномељ во Република Словенија, која беше посветена на размена на искуства, воспоставување контакти и продлабочување на соработката меѓу двете општини.
Во рамки на посетата, делегацијата од Делчево оствари средби со претставници на повеќе институции и организации, а беа разменети искуства и идеи во области од заеднички интерес. Во разговорите учествувале и успешни македонски иселеници кои живеат и работат во Словенија.
Посетата се реализираше и во присуство на градоначалникот на Чрномељ, Андреј Кавшек, при што биле разгледани можностите за воспоставување нови партнерства и споделување на добри практики, особено во делот на локалниот развој, волонтерството, цивилната заштита и хуманитарната дејност.
Особено значаен дел од посетата е учеството на волонтерите од Делчево, кои преку своето присуство и размената на искуства со словенечките организации имаат можност да ги унапредат знаењата и практиките во областа на спасувањето, помагањето и реагирањето во кризисни ситуации.
Од Делчево оценуваат дека посетата на Чрномељ претставува можност за отворање нови перспективи за соработка, како и за создавање трајни контакти меѓу институциите, организациите и граѓаните од двете средини.
Градоначалникот Гоцевски упати благодарност до домаќините во Чрномељ за гостопримството и отвореноста, нагласувајќи дека ваквите средби се важни за градење партнерства засновани на пријателство, солидарност и заеднички интереси.
Посетата е уште еден чекор кон продлабочување на врските меѓу Делчево и Чрномељ и создавање нови можности за соработка, размена на искуства и заеднички иницијативи во иднина.

Leave a Reply