ДЕЛЧЕВО – Планинарско-спортскиот клуб „Голак“ од Делчево покренува иницијатива за поставување летниковец со маса и клупи, како и спомен-плоча посветена на Разловечкото востание од 1876 година, кај месноста Калаџерџево на планината Обозна.
Иницијативата, покрената од членовите Гоце Дончовски, Никола Ќурчиски и претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, сите по потекло од село Разловци, има за цел да придонесе за зачувување и промоција на овој значаен историски локалитет.
Калаџерџево се наоѓа на околу осум километри од Разловци, на 1.157 метри надморска височина, а токму тука се наоѓаат остатоците од колибите на поп Стојан, главниот организатор на востанието, и на Цоне Спасов – Ингилизо, еден од организаторите и курир на Гоце Делчев за овој крај.
Според иницијаторите, токму во оваа месност во 1875 и 1876 година се одржувале советувања и подготовки поврзани со Разловечкото востание.
Од ПСК „Голак“ посочуваат дека станува збор за локалитет со исклучително културно-историско значење, кој, и покрај својата вредност и прекрасната природа, сè уште е малку познат и недоволно посетуван.
Клубот веќе 12 години организира планинарски марш до Калаџерџево и колибите, со што придонесува за неговата промоција и зачувување.
Со поставувањето на летниковецот и спомен-плочата, иницијаторите очекуваат местото да стане попристапно и попрепознатливо за планинарите, љубителите на природата, но и за сите кои сакаат да се запознаат со историјата на Разловечкото востание.
Од ПСК „Голак“ упатуваат повик до сите заинтересирани кои сакаат да помогнат во реализацијата на иницијативата да се обратат кај Ванчо Спасевски – Чарли од Разловци или кај претседателот на клубот Љупчо Чучуковски.
Целта е едноставна – да се зачува местото, да се одбележи историјата и споменот на Разловечкото востание да продолжи да се пренесува на идните генерации.

Leave a Reply