Книгите, детската фантазија и креативноста беа во центарот на работилницата „Мојата прва библиотека“, реализирана во рамки на активностите на ЈЛБ „Илинден“ од Делчево.
На работилницата најмладите читале бајки, се дружеле со омилените книжевни ликови и преку забавно-едукативни активности учеле, твореле и се забавувале со книгата.
Преку цртање и креативно создавање, децата ги развивале графомоторните и когнитивните вештини, но и ја запознавале библиотеката како место каде што покрај читањето има простор и за игра, дружење и творештво.
Посебен момент од работилницата било создавањето на шарен и креативен мозаик составен од корици на сликовници и лектири. Мозаикот е поставен во дворот на библиотеката, пред зградата на Општина Делчево, со што детските креации станаа дел од градскиот простор.
На овој начин, книгите симболично „излегоа“ од библиотечните полици и добија ново место – меѓу граѓаните и најмладите, како шарена декорација, но и како порака за значењето на читањето уште од најрана возраст.
Од ЈЛБ „Илинден“ посочуваат дека ваквите активности имаат цел да ја приближат книгата до децата и да создадат позитивна врска со библиотеката.
„Мојата прва библиотека“ уште еднаш покажа дека кога книгата се претвора во игра, креативност и забава, таа остава трага кај најмладите и создава љубов кон читањето која може да трае цел живот.

Leave a Reply