„Откриваме и вкусуваме приказни од Малешево“ – под ова мото изминатиот викенд во село Негрево, Пехчево, беше одбележан Green Belt Day. Настанот го организираа Здружението „Амброзија“ од Пехчево и здружението „Биоматера“ од соседна Бугарија, со околу 30 учесници од двете земји, од различни возрасти.
Денот беше посветен на запознавање со природното богатство на Малешевијата и значењето на зелените појаси како простор за поврзување на луѓето, природата и заедниците од двете страни на границата. Учесниците имаа можност природата да ја запознаат директно на терен – преку прошетка по патеката на Петко, која ги одведе до близина на локалитетот Јудови Ливади. Токму таму се наоѓа едно од највредните природни богатства на овој простор – тресетиште на кое вирее муволовката, односно инсектојадното растение Drosera rotundifolia.
Поради специфичните услови на тресетиштето, создадени од наталожување големи количества мртва растителна материја низ годините, тука се развива специфичен и редок жив свет. Муволовката е особено значајна бидејќи е многу ретка на територијата на Македонија. Денес таа е еден од препознатливите симболи на локалитетот Јудови Ливади, Едукативниот центар и пошироко на Пехчевскиот регион.
По прошетката следуваше кратка презентација за Green Belt Day и значењето на Европскиот зелен појас, а денот доби и дополнителна симболика со потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете здруженија.
Со него, „Амброзија“ и „Биоматера“ ја потврдија определбата и во иднина да продолжат со заеднички активности насочени кон поврзување на заедниците, зачувување на природата и развивање на прекуграничната соработка. А кога се зборува за Малешево, приказната не може да заврши без локалните вкусови. Учесниците имаа можност да пробаат традиционална храна од регионот и да се запознаат со дел од локалните гастрономски традиции. Настанот се надоврза и на претходните активности од Проект за зачувување на автохтоните сорти овошки од Малешево и Беласица.
Во рамки на проектот беа реализирани мапирање на старите сорти овошки од регионот, како и обуки за ревитализација на оштетени дрвја и калемење, со цел зачувување на ова вредно природно и земјоделско наследство. European Green Belt Days се одбележуваат секоја година во септември, со цел да се промовираат природното и културното наследство долж поранешната Железна завеса и да се поттикнат прекуграничната соработка и заштитата на природата.
Идејата е да се зачува природниот коридор што се протега по линијата на поранешната Железна завеса, каде што поради ограниченото човечко присуство со децении се зачувале значајни природни подрачја.

Leave a Reply