Европска недела на спортот – #BeActive во Берово и Пехчево!

Берово/Пехчево, 24 септември – Во рамките на Европската недела на спортот – #BeActive, денеска во Берово и Пехчево се одржаа спортски активности наменети за учениците, со цел промовирање на физичката активност, здравиот начин на живот и дружењето преку спорт.

Во Берово, Училишниот спортски ден се реализираше под покровителство на Министерството за спорт и во рамките на глобалната кампања #BeActive, во организација на Општина Берово, во соработка со ООУ „Дедо Иљо Малешевски“, ООУ „Никола Петров Русински“ и ОСУ „Ацо Русковски“.

Учениците учествуваа во спортски активности исполнети со дружење и позитивна атмосфера, испраќајќи порака за важноста на редовното движење и активниот начин на живот.

Активности во рамките на Европската недела на спортот се реализираа и во Пехчево. Општина Пехчево, во соработка со ООУ „Ванчо Китанов“ и со поддршка на Министерството за спорт, организираше спортски полигон со различни забавни и динамични активности.

Учениците имаа можност да ги покажат своите способности, да се натпреваруваат, но пред сè да се дружат и да ја почувствуваат позитивната страна на спортот. Активностите беа насочени кон поттикнување на физичката активност, тимскиот дух, меѓусебната поддршка и фер-плејот.

Посебно внимание беше посветено на учеството на сите деца, при што секој ученик доби медал. Пораката од организаторите беше дека во ваквите активности нема поразени, бидејќи победата е во учеството, движењето, дружењето и создавањето заеднички спортски спомени.

Во реализацијата на активностите во Пехчево поддршка дале и претставници на ОВР Берово и ЈЗУ Здравствен дом „Д-р Иван Георгиев“ – Пехчево.

Европската недела на спортот преку кампањата #BeActive има за цел да поттикне поголема физичка активност и создавање навики за поздрав и поактивен живот, особено кај младите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*