Македонската книга замина за Луксембург: Јавна локална библиотека „Илинден“ – Делчево поддржа проект за промоција на македонскиот јазик во странство

Воспитувачката Љупка Ангеловска Витановска, која потекнува од Делчево, реализираше проект во градинка во Луксембург, каде на децата им ги претстави македонските приказни, песните и културното наследство.

Делчево, 8 октомври 2026 (МИА) — Јавна локална библиотека „Илинден“ – Делчево поддржа културно-образовен проект за промоција на македонскиот јазик и детското книжевно творештво во Луксембург, инициран од нивната сограѓанка Љупка Ангеловска Витановска, која работи како воспитувачка во оваа европска земја.

Пред околу еден месец, за време на нејзината посета на библиотеката во родното Делчево, Ангеловска Витановска ја споделила својата идеја за проект преку кој на децата од нејзината воспитна група на возраст од две до четири години ќе им ги приближи македонскиот јазик, културата и традицијата. По тој повод, Јавна локална библиотека „Илинден“ – Делчево ѝ подари неколку детски книги, пред сè од роднокрајни автори.

Проектот успешно се реализираше во градинката „KidsCare – Bonnevoie“ во Луксембург.

– Благодарение на прекрасниот гест и подарените книги од библиотеката, македонските приказни и песни тргнаа на едно посебно патување – од Делчево до Луксембург. Како воспитувачка, сакав преку овој мал, но значаен проект да им го приближам на децата македонскиот јазик, нашата култура и богатото книжевно творештво. Преку книгите, илустрациите, новите зборови и песничките, децата имаа можност да запознаат нов јазик, но и да ја почувствуваат убавината на различностите и мултијазичноста уште од најрана возраст, истакнува Ангеловска Витановска.

Таа додава дека книгите подарени од нејзиниот роден град станале мост меѓу два града, две култури и два јазика, но пред сè – мост меѓу децата.

Од Јавна локална библиотека „Илинден“ – Делчево изразија задоволство од успешната реализација на иницијативата и ветија дека и во следна прилика ќе донираат други наслови, нагласувајќи дека секогаш ќе бидат тука да ги поддржат ваквите активности што го негуваат и промовираат македонскиот збор ширум светот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*