Jавната здравствена установа Здравствен дом „Гоце Делчев“ во Делчево се опремува со нов дигитален мамограф, со што значително ќе се унапредат и прошират здравствените услуги за граѓаните од градот, регионот, но и за сите пациенти во државата.
Како што изјави директорката на установата, Билјана Георгиевска, за набавката на апаратот се обезбедени наменски средства од Владата на кои, во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, изнесуваат 13.450.000 денари.
„По успешно спроведената јавна набавка, веќе е потпишан договорот со испорачателот и се очекува дигиталниот мамограф да биде доставен и ставен во функција во наредните два до три месеци“, истакна Георгиевска.
Покрај модернизацијата на медицинската опрема, Здравствениот дом активно работи и на зајакнување на стручниот медицински кадар. Во тек се две нови специјализации – по медицина на труд и по радиологија, со што установата во моментов има вкупно четири специјализанти кои во следните години треба да се вратат и да им бидат на располагање на пациентите.
Во однос на новите вработувања, по минатата година кога беа ангажирани 10 нови лица (од кои пет лекари во Службата за итна медицинска помош и четири медицински сестри), годинава е во тек процес за дополнително екипирање.
„Оваа година се реализираат вработувања на уште тројца лекари за Итната медицинска помош, медицинска сестра, возач, како и дипломиран психолог. Со тоа Здравствениот дом во Делчево ќе биде единствен во регионот што ќе нуди ваков тип психолошка поддршка и услуга, додаде директорката.
Паралелно со ова, медицинскиот кадар се упатува и на дополнителна едукација – во тек е стручно усовршување за формирање центар за дијабетес, како и обука за електроенцефалографија (ЕЕГ)
Од Здравствениот дом нагласуваат дека фокусот до крајот на годината и во наредниот период останува на учеството во проекти за набавка на дополнителни апарати, со цел од следните години дополнително да се прошират услугите во областа на неврологијата, интерната медицина и лабораториските дијагностички процедури.
Директорката Георгиевска изрази благодарност и до сите општествено одговорни компании и поединци кои преку донации на возила и опрема даваат поддршка за подобрување на условите во установата
Видео материјалот е достапен на следниот линк:

Leave a Reply