Видео: КНИЖЕВЕН ПОРТРЕТ НА ГАБРИЕЛА КОСТАДИНОВА: Поезија, млади таленти и силни пораки за идентитетот на „Вапцарови бранувања“

Подготви: Валери Спасевски / Делчево 365]

Во Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ се одржа инспиративниот културно-поетски настан „Вапцарови бранувања 2026“, посветен на книжевниот портрет на поетесата Габриела Костадинова од Пехчево. Оваа вечер го обедини поетскиот збор со музиката, младешката енергија и длабоката почит кон македонскиот идентитет.

Отворајќи ја вечерта, Костадинова ја дефинираше самата суштина на настанот:

„Вечерва сме собрани по повод Вапцаровите бранувања — бранувања на мислата, на човечноста, на надежта и на непокорот што не згаснува ни пред најтешките животни искушенија… Кога поезијата ќе се сретне со музиката, зборот добива нов глас, стихот нова длабочина, а чувството станува заедничко доживување.“

— Габриела Костадинова, поетеса

Поддршка од културните институции

Настанот започна со поздравен говор на директорот на Центарот за култура, Златко Начовски, кој ја истакна важноста од продолжување на ваквите традиции во регионалниот културен живот.

„Преку оваа манифестација ја продолжуваме традицијата на негување на литературата, поезијата и културните вредности. Вечерва го претставуваме книжевниот портрет на нашата гостинка Габриела Костадинова од Пехчево. Ви посакувам пријатна вечер исполнета со литература, убави мисли и културни доживувања.“

— Златко Начовски, директор на Центарот за култура

Животниот пат и поезијата на Габриела Костадинова

Застапувајќи тридецениска работа во Градската библиотека „Кочо Рацин“ во Пехчево, авторка на четири книги поезија и добитничка на над 60 дипломи и признанија, Костадинова ги сподели своите почетоци и емотивниот однос кон пишувањето.

Таа за првпат пред публиката ја прочита песната „Повторно ќе дојде недела“:

„Повторно ќе дојде недела. Морето ќе ја раскаже својата приказна… Зашто некои љубови некогаш не завршуваат — само учат да чекаат некого кој никогаш повеќе нема да дојде.“

— Ива од песната на Габриела Костадинова

Силни пораки од младите генерации

Како менторка која со години вложува во младите, Костадинова на сцената донесе генерации кои говорат со зрелост и страст.

1. За зачувување на Есма Реџепова и нејзиното наследство

Преку видео-обраќање, младиот политиколог и магистрант Иван Јангелов упати остар апел за зачувување на ликот и делото на хуманитарката Есма Реџепова:

„Ајде заеднички да се обединиме, да ја исполниме последната желба и да покажеме човешност… Можеш да зборуваш добро ако твојот јазик ја пренесува пораката на твоето срце. А пораката на Есма беше: ‘Ако имаш две — едното дај го на оној кој нема’. Да го обновиме домот на хуманиста и музејот на музиката.“

— Иван Јангелов, дипломиран политиколог

2. За зачувување на македонскиот јазик

Гимназијалецот Глигор Поповски одржа впечатлив говор за мајчиниот јазик во дигиталното време:

„Мајчиниот јазик ги обединувал, обединува и ќе ги обединува Македонците низ вековите. Штом јазикот ни го земат — ќе ни го одземат и идентитетот. Без јазик си никој и ништо! Затоа, сложно и борбено, да си го чуваме јазикот — тој ни е наследство од прадедовците и аманет за потомците.“

— Глигор Поповски, средношколец и беседач

Музика, драма и емотивен завршенок

Покрај хумористичниот скеч на деветтооделенците од Пехчево, музичкиот педагог и композитор Драган Колевски го збогати настанот со авторски љубовни балади.

Вечерта заврши со заеднички поетско-музички перформанс на Костадинова и Колевски посветен на страдањето во Ваташа и песната „Цветови“ од Славко Јаневски, оставајќи силен впечаток и емоција кај целата публика.

🔗 Целосното видео од настанот прегледајте го тука: YouTube – Вапцарови Бранувања 2026

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*