Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански оствари меѓународни контакти на Глобалниот дијалог на градоначалници во Кина

Александар Китански учествуваше на меѓународниот собир во Нингбо, каде беа отворени можности за соработка и потенцијално збратимување на Пехчево со општина од овој кинески регион.

Пехчево, 12 ноември 2026 – Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, во периодот од 2 до 5 ноември учествуваше на Глобалниот дијалог на градоначалници – „2026 Global Mayors Dialogue · Ningbo“, кој се одржа во градот Нингбо, Народна Република Кина.

На меѓународниот настан учествуваа повеќе од 260 претставници од 20 градови и 15 држави, меѓу кои градоначалници, претставници на локални самоуправи, институции, меѓународни организации и бизнис-заедницата.

Во рамките на настанот, Китански остварил средба со градоначалникот на Нингбо, Шен Мингчуан, како и контакти и разговори со претставници на повеќе меѓународни делегации од Франција, Нов Зеланд, Италија, Австрија, Египет, Мароко, Бенин, Малдивите и Мадагаскар.

Разговорите биле насочени кон можностите за воспоставување идни партнерства, размена на искуства и унапредување на соработката меѓу локалните самоуправи.

Посебно внимание било посветено на можноста за официјално збратимување на Општина Пехчево со општина од регионот Нингбо, што би отворило простор за долгорочна институционална соработка.

Потенцијалните области на соработка опфаќаат локален економски развој, земјоделство, рурален развој, туризам, заштита на животната средина, култура и образование, како и размена на искуства во работењето на локалните самоуправи.

Од Општина Пехчево посочуваат дека учеството на овој меѓународен настан овозможило воспоставување нови меѓународни контакти, претставување на локалните потенцијали и отворање можности за идни партнерства.

Во наредниот период се очекува продолжување на комуникацијата со претставниците на Нингбо и другите делегации, со цел воспоставените контакти да добијат конкретна институционална форма и да резултираат со проекти и активности од интерес за граѓаните на Пехчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*