Во Општина Делчево се одржа конститутивен состанок на Локалното координативно тело за борба против родово базираното и семејното насилство, со што се направи значаен чекор кон воспоставување поефикасна меѓуинституционална соработка, координирано постапување и унапредување на превенцијата и заштитата од сите форми на насилство врз жените и девојките.
На состанокот присуствуваа претставнички од Центарот за социјална работа – Делчево, Министерството за внатрешни работи – ОВР Делчево, Здравствениот дом, образовните институции, претставнички од Организацијата ЖЕНА, како и претставници од Општина Делчево.
Формирањето и координацијата на работата на телото се реализираа на иницијатива и со поддршка на Организацијата ЖЕНА – Делчево, која во декември 2024 година го иницираше воспоставувањето на локалниот механизам за заштита на жените и девојките од семејно насилство. Неговото повторно активирање и функционално зајакнување произлегува од потребата за појасно дефинирање на улогите на институциите и воспоставување ефикасен систем на меѓусебна координација.
На состанокот за координаторка на телото е избрана Јадранка Стојанова претставничка од МВР – ОВР Делчево, беа усвоени и Програмата за работа за 2027 година, Правилникот за деловна тајна и доверливост, како и портфолиото на телото, со што се поставуваат основите за негово организирано, одговорно и континуирано функционирање.
Програмата за работа за 2027 година предвидува активности во три клучни области: институционално јакнење и одржливост на телото, партиципативно креирање и спроведување локални политики и актуелизација на проблемот со цел поефикасна и координирана превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство.
Во рамките на програмата се предвидени редовни работни состаноци, унапредување на комуникацијата и координацијата меѓу институциите, информативно-едукативни активности во училиштата и населените места, јавни кампањи, како и анализа и следење на состојбите и преземените мерки во областа на родово базираното и семејното насилство.
На состанокот беа донесени и заклучоци за реализација на заеднички превентивни и информативни активности во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, со кои ќе се придонесе кон подигнување на јавната свест, препознавање на различните форми на насилство и информирање на граѓаните за механизмите за поддршка и заштита.
Мисијата на Локалното координативно тело е преку заедничко и координирано делување на институциите и граѓанските организации да се планираат и спроведуваат мерки и политики за намалување на родово базираното и семејното насилство на локално ниво, со визија за создавање заедница без насилство врз жените и девојките.
Со воспоставувањето на овој механизам, Општина Делчево, локалните институции и граѓанскиот сектор, ја потврдуваат определбата за заедничко, системско и континуирано дејствување, затоа што превенцијата, навременото препознавање и заштитата од насилство се заедничка одговорност на сите институции и на целата заедница.

Leave a Reply