Редовни читателки споделија свои книжевни искуства, омилени автори и книги, а дружењето резултираше и со предлог-листа на десет наслови за љубителите на литературата.
Делчево, 17 ноември 2026 – Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево организираше книжевно дружење со свои редовни читателки, насловено „Кафе, книга и женски приказни“, кое се одржа во читалната на библиотеката.
Средбата помина во пријатна и непосредна атмосфера, во која книгите беа повод за разговори, споделување лични искуства, мисли и животни приказни. Присутните читателки разговараа за делата што оставиле посебен впечаток кај нив, за авторите што ги инспирираат, но и за емоциите и размислувањата што ги поттикнуваат прочитаните книги.
Од библиотеката посочуваат дека ова не било само разговор за литературата, туку и можност секоја од присутните жени да ја сподели својата приказна, својот поглед кон животот и книгите што оставиле трага во неа.
„Жените и книгите се приказни што се поврзуваат. Сите присутни во нашето книжевно женско катче ги поврзува љубовта кон книгата, но и потребата да разговараат, да споделуваат искуства, мисли и животни приказни“, истакнуваат од библиотеката.
Како резултат на дружењето, читателките предложија и листа од десет книги што, според нив, вреди да се прочитаат. На листата се најдоа „Моќта на потсвеста“, „Тајната на Алексови“, „Цутот на црешите“, „Крадец на бакнежи“, „Папата Јована“, „Ловејќи го злотворот“, „Во врска со оваа ноќ“, „Измиен грев“, „Вештица“ и „Зад затворени врати“.
Од ЈЛБ „Илинден“ изразија благодарност до сите учеснички за присуството и споделените приказни, со желба ваквите средби да продолжат и да поттикнат уште поголем интерес за читањето и дружењето во библиотеката.

Leave a Reply