Голема акција во Берово и Пехчево – уапсени 15 лица за организиран криминал и пустошење на шуми, штетата над 6,4 милијарди денари

Во координирана полициска акција во Берово и Пехчево, лишени од слобода се 15 лица, меѓу кои и вработени во Министерството за внатрешни работи, ЈП „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство. Тие се сомничат за сериозни кривични дела, меѓу кои „злосторничко здружување“, „пустошење на шуми“, „давање и примање поткуп“ и „злоупотреба на службена положба“.

Акцијата е спроведена во текот на ноќта меѓу 18 и 19 септември од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со повеќе полициски единици и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Претреси и запленети докази

Со наредби од Основниот кривичен суд, биле извршени претреси на повеќе локации во Берово и една во Пехчево. Полицијата пронашла и одзела:

  • околу 185.000 евра и 318.000 денари во готовина,
  • повеќе мобилни телефони и документација,
  • две ловечки пушки, една воздушна пушка и 75 куршуми.

Осомничени и обвиненија

Против сите 15 лица, како и едно правно лице од село Двориште, е поднесена кривична пријава. Тие се товарат за организирана нелегална сеча на дрва, нивен транспорт и продажба, со што предизвикале огромна штета врз шумскиот фонд и државниот буџет.

Според обвинението, дел од осомничените, вработени во ЈП „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, издавале и заверувале документи со кои овозможувале нелегално исечената дрвна маса да биде транспортирана и ставена во промет. За тоа, тие примале парични надоместоци. Некои од припадниците на МВР, пак, давале информации за движењето на контролните патроли или не постапувале по пријави за нелегална сеча.

Организаторите, предводени од Т.К. (35), во текот на 2025 година ја координирале нелегалната сеча на дрвна маса во атарот на с. Двориште, која потоа се продавала преку правно лице управувано од В.М.

Огромна еколошка и финансиска штета

Со дејствијата на групата, опустошени се околу 6.000 хектари шума, а нелегално се исечени приближно 1,5 милиони кубни метри дрвна маса. Вкупната штета се проценува на 6,405 милијарди денари.

Министерството за внатрешни работи најавува дека истрагата продолжува, а против сите пријавени лица ќе се преземат соодветни законски мерки.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*