Нашиот Александар Стоичовски ја истрча и петтата „ѕвезда“ на Берлинскиот маратон

Берлин, 21 септември 2025 – Делчевецот Александар Стоичовски, кој долги години живее во Скопје и редовно учествува на маратони ширум светот, викендов успешно ја совлада патеката на еден од најпознатите светски маратони – Берлинскиот маратон 2025. Со оваа трка, Стоичовски ја освои својата петта „ѕвезда“ во рамки на престижната серија Abbott World Marathon Majors, со што му останува уште една трка за да стане сопственик на сите шест.

Иако Берлин важи за една од најрамните и најбрзи маратониски патеки во светот, Александар ја опиша трката како „тешка и сурова“, потсетувајќи дека маратоните секогаш бараат максимална подготвеност и огромна почит кон дисциплината.

„Истрчан, а богами и изоден и Берлин. Тежок и долг беше патот до петтата ѕвезда. Понекогаш Маратонот не потсетува зошто е најтешка спортска дисциплина и дека со респект треба да пристапиме кон секоја трка“, напиша Стоичовски по завршувањето на маратонот, упатувајќи честитки и до бројната македонска екипа која учествуваше во Берлин.

Следната цел на делчевскиот маратонец е Токио Маратон 2026, закажан за 1 март, каде што ќе ја брка последната, шеста „ѕвезда“, со што ќе се приклучи на елитната група на маратонци кои ги имаат истрчано сите најголеми маратони во светот: Бостон, Лондон, Чикаго, Њујорк, Берлин и Токио.

Стоичовски е добро познат во маратонските кругови и често учествува на трки на различни континенти, притоа промовирајќи го спортскиот дух и Македонија на светската сцена.

Во Делчево последен пат трчаше на почетокот на месец септември на популарната трка Golak Trails.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*