Во рамки на Детската недела, која традиционално се одбележува секоја година во првата седмица од октомври, во Делчево беше организирана ликовна работилница за најмладите.
Активноста ја реализираа ЈЛБ „Илинден“-Делчево, ликовното ателје „Љубомир Белогаски“ при НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“-Делчево и ООУ „Ванчо Прке“, во соработка со наставничката по ликовно образование Антонела Спасовска Манова.
На работилницата учествуваа шест ученици: Марија Захариева, Елеонора Ѓеорѓиевска, Елена Стојановска, Сара Димитровска, Анисија Митков и Анабела Цветковска, кои на слободна тема создадоа уметнички дела.
– Се создадоа прекрасни слики од нашите мали, но големи уметници. Во најскоро време вакви работилници ќе бидат реализирани и со други образовни институции, а сите изработки ќе бидат изложени на едно место за да можат граѓаните да ги разгледаат, истакнаа организаторите.
Со одбележувањето на Детската недела се потсетува дека грижата за правата и интересите на децата не треба да биде само во оваа седмица, туку секојдневна обврска, согласно Законот за заштита на децата, Конвенцијата за правата на детето на ОН и меѓународните и домашни регулативи.
– Децата мора да бидат наш најважен приоритет. Тие тоа го очекуваат од нас. Тие тоа го заслужуваат. Да им овозможиме детето да биде дете, порачаа организаторите.

Leave a Reply