Делчевчанецот Кире Николовски одликуван со Сребрен медал за национална одбрана од Франција

14 ноември 2025, Битола – Полковник Кире Николовски, родум од Делчево, денес беше одликуван со престижниот Сребрен медал за национална одбрана од Министерството за одбрана и вооружените сили на Република Франција. Свеченоста се одржа во Битола, во присуство на амбасадори и претставници од повеќе европски држави, како и делегација од Општина Битола.

Полковник Николовски, кој подолг период живее и работи во Скопје, беше признат како високо стручна и професионална личност во рамки на вооружените сили на Република Македонија. Француските власти особено ја истакнаа неговата успешна интеграција и извонредната работа за време на обуката што ја посетуваше во Воената школа во Париз во периодот 2023–2024 година.

На церемонијата, претставниците на француската армија нагласија дека Николовски оставил силен позитивен впечаток, претставувајќи ја Македонија на достоинствен и професионален начин.

„Полковник Кире Николовски се интегрираше извонредно и во армиската, и во општествената средина во Франција, притоа пренесувајќи прекрасна слика за неговата татковина. Сакаме да им се заблагодариме на македонските власти што ни ја доверија обуката на еден ваков квалитетен кадар. Уверени сме дека ова ќе придонесе за уште подобра интероперабилност меѓу двете армии,“ беше истакнато од страна на претставниците на француското Министерство за одбрана.

Со доделувањето на овој медал, полковник Николовски се вбројува во редот на малкумината македонски офицери кои добиле високо француско воено признание. Овој успех претставува голема чест не само за него лично, туку и за неговото родно Делчево, кое со гордост го запишува меѓу своите истакнати сограѓани.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*