
Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Пехчево денеска реализираше две интервенции на територијата на општината, соопштија од друштвото.
Првата интервенција била во селото Чифлик, по добиен повик околу 15 часот. На терен интервенирале тројца пожарникари со едно возило, при што пожарот бил локализиран и спречено е неговото ширење.
Втората интервенција се случила околу 17 часот, по пријава за шумски пожар во атарот на селото Црник, на локалитетот Гарваница. На терен излегле осум членови на ДПД Пехчево со две возила, како и четворица вработени од Шумското стопанство „Равна Река“ – Пехчево со едно возило. Благодарение на брзата реакција и заедничката координација, пожарот бил целосно локализиран и изгаснат.
Од ДПД Пехчево изразуваат благодарност до сите членови и до ШС „Равна Река“ за навремената и професионална интервенција, посочувајќи дека безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет.


Leave a Reply