
Во Јавната библиотека „Илинден“ – Делчево, со многу емоции и искрена младешка енергија, традиционално се одржа натпреварот по рецитација.
Библиотеката и оваа година го реализираше натпреварот заедно со двете основни училишта во градот – ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св. Климент Охридски“. Учениците од деветтите одделенија ја покажаа својата дарба кон рецитирањето, со посебна чувствителност и посветеност интерпретирајќи ја безвременската песна „Везилка“ од великанот на македонската литература, Блаже Конески.
Секој стих одекнуваше со силна порака, секоја интерпретација носеше различна емоција, а младите рецитатори успеаја да ја пренесат убавината и длабочината на поезијата. Настапите потсетија дека македонскиот јазик е жива нишка што ги поврзува генерациите, исто како што везилката внимателно ја вткајува својата приказна во ткаенината.
Со ваквите настани, библиотеката продолжува да ја негува љубовта кон литературата, поезијата и мајчиниот јазик, поттикнувајќи ги младите да го почувствуваат богатството на македонскиот збор.
Комисијата за избор, составена од Билјана Стоиловска, наставник по македонски јазик во ООУ „Ванчо Прке“, Весна Иванова, наставник по македонски јазик во ООУ „Св. Климент Охридски“ Даниела Георгиевска, библиотекар во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, ги одлучи победниците:
- Прво место: Јосиф Манов
- Второ место: Сара Димитровска
- Трето место (поделено): Дарија Велинова и Бојана Мирчевска
Сите учесници добија благодарници, а библиотеката им се заблагодарува на учениците и наставниците за вложениот труд, инспирацијата и прекрасната атмосфера што ја создадоа.

Leave a Reply