Георгиевска: Се унапредуваат здравствените услуги во здравствените домови

Во рамки на Неделата на здравствените домови, директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ Делчево, Билјана Георгиевска, истакна дека 2025 година претставува пресвртница за примарното здравство во земјава, по години на стагнација и институционална запоставеност.

„Долг период здравствените домови беа оставени сами на себе. Дел од установите немаа одржано состаноци со Фонд за здравствено осигурување на Македонија од 2019 година, а некои и повеќе од една деценија. Денес, конечно зборуваме за вложувања, развој и стабилизација“, изјави Георгиевска.

Според неа, во текот на 2025 година е запрено празнењето на здравствените домови, зголемен е бројот на здравствени работници, а буџетите бележат раст. Истовремено, започнати се и реконструкции, како и процеси за обновување на медицинската опрема.

Фокусот, како што посочи директорката, е ставен и на обновување на кадарот, особено во службите за итна медицинска помош, набавка на современа опрема и унапредување на здравствените услуги, со цел поквалитетна и подостапна здравствена заштита за граѓаните во сите средини.

„Ќе продолжиме со континуирани инвестиции во здравствените домови, затоа што силното примарно здравство значи здравство поблиску до граѓаните и подобра грижа за сите“, нагласи Георгиевска.

Во изјавата таа упати и јавна благодарност до д-р Сашо Клековски за, како што рече, препознавањето на трудот и континуираната поддршка на здравствените установи.

„Тоа е потврда дека посветеноста, професионалниот пристап и вложениот труд во јавното здравство се вреднувани“, истакна директорката.

Неделата на здравствените домови се одбележува со цел да се потенцира значењето на примарното здравство како основа на здравствениот систем и како прва точка на контакт на граѓаните со здравствените услуги.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*