Регионални вести: Во Берово дератизација, нов асфалт во Ратево и јавна расправа за регионалниот систем за управување со отпад

Берово деновиве е во фокусот на неколку значајни активности поврзани со јавното здравје, инфраструктурниот развој и заштитата на животната средина.

На територијата на општината денеска се спроведува општа дератизација на канализациониот систем, согласно Програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести за 2026 година. Стручни екипи на Центарот за јавно здравје – Куманово третираат околу 300 канализациони шахти во Берово, како и во населените места Русиново, Ратево, Владимирово, Смојмирово, Будинарци и Митрашинци, а со мерките се опфатени и депонијата за комунален отпад и туристичката населба Беровско Езеро.

Во меѓувреме, Општина Берово информираше дека е завршено асфалтирањето на улицата „Гоце Делчев“ во селото Ратево, во должина од 591 метар. Во рамки на проектот е изведен и атмосферски канал во должина од 70 метри, како и два потпорни ѕида со вкупна должина од 60 метри. Вредноста на инвестицијата изнесува 5.786.419 денари, средства обезбедени од општинскиот буџет за 2026 година. Од локалната самоуправа посочуваат дека проектот ќе придонесе за побезбеден сообраќај, подобар пристап до домовите и поквалитетни услови за живот на жителите на селото.

Покрај инфраструктурните активности, Општина Берово ги поканува граѓаните и на јавна расправа што ќе се одржи на 12 јуни во големата сала за состаноци во општинската зграда, со почеток во 11 часот. Расправата се организира во рамки на проект финансиран од Европската Унија „Поддршка на имплементацијата на регионалните системи за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион“, а ќе биде посветена на Нацрт-извештајот за стратегиската оцена на животната средина од спроведувањето на Регионалниот план за управување со отпад. На настанот ќе бидат презентирани главните цели на регионалниот систем за управување со отпад, а учество можат да земат сите заинтересирани граѓани.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*