Општина Делчево распиша конкурс за доделување на општинската награда за 2026 година


Општина Делчево распиша конкурс за доделување на општинската награда за 2026 година, кој се објавува врз основа на член 11 од Правилникот за начинот, условите, критериумите и постапката за доделување на награди и признанија. Одлуката е донесена од Комисијата за доделување на награди и признанија на седница одржана на 7 јули 2026 година.

Како што информираат од Општината, наградата се доделува по повод празникот на Делчево – 7 Септември, а претставува највисоко општинско признание за поединци и правни субјекти кои со својата работа и резултати придонеле за развојот и афирмацијата на општината.

Право на добивање на наградата имаат физички и правни лица од Делчево и од државата, кои оствариле значајни достигнувања во областа на стопанството, науката, уметноста, културата, образованието, здравството, социјалната заштита, спортот, како и во заштитата на животната средина и други области од јавен интерес.

Наградата за физички лица се состои од плакета и паричен износ, додека за правните лица се доделува плакета.

Предлози за кандидати можат да доставуваат правни и физички лица од подрачјето на Општина Делчево, при што предлозите треба да бидат образложени и потпишани, а за поединци да содржат и кратка биографија.

Конкурсот трае 30 дена, почнувајќи од 8 јули и заклучно со 7 август 2026 година. Предлозите се доставуваат до архивата на Општина Делчево, со назнака „Предлог кандидат за доделување општинска награда“.

Од Општината апелираат до сите заинтересирани навремено да поднесат предлози и да придонесат во изборот на најзаслужните граѓани и организации.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*