Пехчевската поетеса Габриела Костадинова со македонска поезија на „Архангелски книжевни денови“ во Белград

Во Домот на културата во Овча, Белград, се одржа промоција на зборникот „Архангелски книжевни денови“, во кој се застапени поети од Србија, Македонија и Република Српска.

На книжевниот настан учествуваше и пехчевската поетеса Габриела Костадинова, која пред присутните ја претстави својата поезија и го истакна значењето на македонскиот јазик и култура во ваквите регионални книжевни средби.

Костадинова во својата објава посочува дека за неа е особено значајно чувството кога македонската поезија се слуша меѓу српски поети, но и можноста со гордост да го спомне Пехчево, градот од кој доаѓа.

– Убаво е чувството кога ќе се слушне македонска поезија меѓу српски поети, а уште поголемо е задоволството кога со гордост го спомнуваш Пехчево, моето убаво гратче, наведува Костадинова.

Нејзините песни во зборникот се објавени на српски јазик, додека на промоцијата Костадинова ги презентирала на својот мајчин, македонски јазик, што, како што вели, претставува посебно доживување.

Промоцијата беше организирана од Здружението на писатели „Дунавски венец“, а Костадинова упати благодарност до претседателот на здружението, Боривоје Бора Живаљевиќ, за гостопримството и приемот.

Настанот претставува уште една можност за културна и книжевна соработка меѓу авторите од Македонија, Србија и Република Српска, преку која македонската поетска реч се претставува пред читателите и љубителите на литературата во регионот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*