Делчево меѓу најотворените општини според Индексот на отвореност за 2026 година

Општина Делчево се наоѓа меѓу единиците на локалната самоуправа со највисоки резултати според новото мерење на Индексот на отвореност за 2026 година, со освоени 67 индексни поени.

Според резултатите од истражувањето, најотворена единица на локалната самоуправа повторно е Општина Крива Паланка со 73 проценти, по која следуваат Берово со 69 проценти и Демир Хисар со 68 проценти. Битола, Делчево и Кочани се на четвртото место со по 67 проценти, по што следуваат Велес со 65, Карпош со 64 и Гази Баба со 61 процент. Кавадарци, Кичево и Гевгелија имаат по 58 проценти.

На спротивниот крај од ранг-листата се Студеничани и Лозово со по 8 проценти, по кои следуваат Боговиње со 11, Сопиште со 13, Врапчиште со 14, Чучер Сандево со 16, Чаир со 18 и Шуто Оризари со 19 проценти. Разликата од 65 процентни поени меѓу највисоко и најниско рангираните општини, како што се посочува во истражувањето, укажува на значителни разлики во примената на принципите на доброто владеење на локално ниво.

Истражувањето е спроведено во периодот од 1 февруари до 30 јуни 2026 година. Просечниот индекс на отвореност на единиците на локалната самоуправа во 2026 година изнесува 39 проценти, што претставува намалување за еден процентен поен во однос на 2025 година, кога просекот изнесувал 40 проценти.

Индексот на отвореност за 2026 година го изработија Фондацијата Метаморфозис и Рурална Коалиција, како дел од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа. Процената претставува длабинска анализа на работата на локалната самоуправа и дава преглед на нејзините вкупни перформанси, проследен со препораки за унапредување на состојбата.

Индексот ги оценува перформансите на локалната самоуправа во областа на доброто владеење преку четири начела – транспарентност, свесност, пристапност и интегритет.

Транспарентноста се однесува на политиките, активностите и мерките што единиците на локалната самоуправа ги преземаат за информирање на граѓаните за својата работа. Свесноста се однесува на квалитетот на планирањето, програмирањето, мониторингот и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат локалните власти.

Пристапноста го опфаќа начинот на кој локалната самоуправа комуницира со граѓаните и ги вклучува во одговарањето на нивните барања и задоволувањето на нивните потреби, додека интегритетот се разгледува преку доследното почитување на етичките вредности, начелата и нормите со кои јавниот интерес се поставува пред приватниот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*