Пехчевската поетеса Габриела Костадинова учествуваше на две меѓународни поетски манифестации, на кои ја претстави својата поезија пред љубителите на пишаниот збор.
Во Музејот на македонската борба во Скопје се одржа Меѓународниот книжевен фестивал „Балканска вечер на поезијата“, во организација на Младинската културна асоцијација на Бошњаците „Шадрван“ од Македонија. Во рамки на фестивалот беше промовирана и збирката „Литературно шаренило на Балканот“.
Како што информира претседателката на „Шадрван“, Алмира Папиќ, на конкурсот биле пријавени 150 поети од целиот свет, од кои жири-комисијата избрала околу 30 автори.
Меѓу избраните автори се најде и Габриела Костадинова, чија песна „Повторно ќе дојде недела“ беше застапена во збирката и промовирана на фестивалот.
„Ја имав таа чест да бидам избрана меѓу тие 30 и мојата песна ‘Повторно ќе дојде недела’ да биде промовирана на фестивалот. Благодарам од срце, драга Алмира Папиќ“, истакна Костадинова.
Пехчевската поетеса учествуваше и на Меѓународната поетска манифестација „Славко Крстевски“, која се одржа во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар, во организација на Лорета Крстевска. На манифестацијата учествуваа поети од Македонија и Хрватска.
Костадинова за првпат учествуваше на оваа манифестација, а имаше чест и да ја отвори програмата со својата песна „Во тишината сакам да самувам“.
„Ми беше чест што ја отворив оваа манифестација со песната ‘Во тишината сакам да самувам’. Првпат учествувам на овој настан, на кој можеше да се слушнат прекрасни поетски стихови и задоволна сум што мојата поезија допре до многубројната публика“, вели Костадинова.
Со учеството на двете манифестации, Габриела Костадинова продолжува со афирмацијата на своето поетско творештво и претставувањето на Пехчево на книжевни настани во земјата.

Leave a Reply