Општина Делчево распиша јавен повик за пријавување учесници на манифестацијата „Пијанечки денови на сливата 2026“, која годинава ќе се одржи на 3 ноември во село Град, со почеток во 11 часот.
Манифестацијата, која Општина Делчево ја организира во соработка со локални институции, здруженија на граѓани, приватни компании и поединци, ќе биде посветена на промоцијата на сливата и производите од слива, како еден од традиционално најзастапените земјоделски производи во Пијанец.
Во рамки на централниот настан е предвиден натпревар во печење ракија под мотото „Мојата сливова ракија е највесела“, како и подготовка или промоција на мармалад, слатко и компот од слива. Посетителите ќе имаат можност да видат и традиционални бели пецива со производи од слива, како и штандови со традиционални производи, ракотворби и други карактеристични производи од Пијанечкиот крај.
Подготовката на ракија, мармалад и слатко, како и уредувањето на штандовите, ќе имаат натпреварувачки карактер, додека останатите активности ќе бидат ревијални.
Од Општина Делчево ги повикуваат заинтересираните индивидуални земјоделци, физички и правни лица да се пријават за учество.
За пријавените учесници Општината ќе обезбеди потрошни материјали, меѓу кои дрва, шеќер и брашно, тезга за изложување и продажба на производите, како и промотивни материјали.
Предвидени се и парични награди. За највесела ракија ќе бидат доделени прва награда од 8.000 денари и втора награда од 6.000 денари. За најсладок мармалад или слатко е предвидена награда од 3.000 денари, додека најубаво уредениот штанд ќе биде награден со 3.000 денари.
Рокот за пријавување е 29 октомври 2026 година. Заинтересираните учесници треба да пополнат и да поднесат пријава во архивата на Општина Делчево. Пријавата може да се преземе од веб-страницата на Општината или да се подигне во архивата.
Лице за контакт е Ванчо Новоселски, на телефонскиот број 070 309 630 или на електронската адреса v.novoselski@yahoo.com.
Целта на манифестацијата е промоција на сливата и традиционалните преработки од слива, но и на храната и ракотворбите карактеристични за Пијанечкиот крај.
Од Општина Делчево посочуваат дека изборот на село Град за годинашното издание е дел од идејата вакви и слични манифестации секоја година да се организираат во различно населено место. На тој начин, како што наведуваат, се придонесува за промоција и уредување на селата, нивно претставување како туристички дестинации и промоција на сместувачките капацитети, со што се очекува да се поттикне развојот на руралниот туризам во Општина Делчево.

Leave a Reply